Две деца од Куманово итно пренесени во Скопје по труење со земјоделски хемикалии

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Две деца на возраст од три и четири години се хоспитализирани на скопските клиники откако се затруле со опасна течност наменета за третирање земјоделски култури. Инцидентот, кој се случил во околината на Куманово, предизвика голема вознемиреност меѓу локалното население.

Случајот бил пријавен вчера околу пладне, кога дежурен лекар од Општата болница во Куманово ја известил полицијата за прием на две деца со видни симптоми на труење. Според првичните информации, децата дошле во контакт и консумирале течност која се користи во земјоделството.

Иако децата првично биле во стабилна состојба, поради сериозноста на супстанцијата и природата на труењето, кумановските лекари донеле одлука тие итно да бидат пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Малите пациенти со возило на Итната медицинска помош се транспортирани на Универзитетската клиника за детски болести. Таму веднаш им е укажана соодветна медицинска нега и се преземаат неопходните мерки за детоксикација на нивните организми.

Од СВР Куманово потврдија дека веќе се преземаат оперативни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на точните околности под кои децата добиле пристап до опасната хемикалија.