Две лица приведени во Скопје: Во возило пронајдени 90 пратки стока без документација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полицијата во Скопје лиши од слобода две лица откако при контрола на возило биле пронајдени околу 90 пратки со различна стока без соодветна документација.

Случајот бил откриен на 22 јуни околу 22:50 часот на улицата „Јадранска магистрала“, каде полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при ОГРМ, заедно со полицајци од Полициското одделение Мирковци, извршиле проверка на патничко возило „Форд“ со скопски регистарски ознаки.

При прегледот на возилото било утврдено дека се превезува поголема количина разновидна стока без потребната документација. Станувало збор за околу 90 пратки со различни производи, спакувани во црни кеси.

Дополнително, полицијата констатирала дека 19-годишниот возач М.И. од Скопје управувал без важечка возачка дозвола од Б категорија.

Како сопственик на возилото бил затекнат и 20-годишниот Е.Ш. од Скопје. Двете лица биле приведени и задржани во полициска станица за понатамошна постапка.

Против возачот ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а став 2 од Кривичниот законик поради управување моторно возило без важечка возачка дозвола.