Две лица загинаа на психоделичен фестивал во Унгарија, организаторите ја скратија програмата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Организаторите на унгарскиот психоделичен фестивал Озора, еден од најголемите транс настани во Европа, одлучија да ја скратат програмата откако починаа двајца посетители.

Вчера, 45-годишен Американец се искачи на една од декоративните структури околу главната сцена, а потоа падна и почина, изјави полицијата за унгарскиот регионален портал FEOL. Властите и организаторите веруваат дека мажот извршил самоубиство, пишува француската агенција AFP.

Исто така, 39-годишна Унгарка се струполила порано во текот на денот, „веројатно поради интензивната топлина“, а обидите да ја оживеат не успеале, според FEOL.

„Со оглед на овие трагични настани, целата музичка програма ќе заврши денес на полноќ“, се вели во соопштението на организаторите. Фестивалот Озора се одржува од 24 јули во Дадпушта во централна Унгарија. Последните закажани концерти требаше да продолжат до раните утрински часови во понеделник.

Највисокото предупредување за топлина е на сила во Унгарија од четврток, а температурите се искачија на 40 степени Целзиусови во текот на викендот.