Две жени и три деца загинаа во бродолом близу Либија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Две жени и три деца се удавија кога брод со десетици мигранти вчера се преврте во близина на Либија, соопшти ОН.

Портпаролката на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Сафа Мешели изјави дека рибарите и либиската крајбрежна стража успеале да спасат 77 мигранти и да ги вратат на брегот.

Таа додаде дека минатата ноќ околу 400 мигранти биле пресретнати на море и вратени во Либија, а најмалку 480 за време на викендот.

Повеќе од 55 мигранти загинаа во морето во близина на Либија во март годинава.

По долгогодишниот хаос во земјата, кој почна по соборувањето и убиството на долгогодишниот лидер Моамер Гадафи за време на бунтот во 2011 година, Либија стана главна транзитна точка за африканските и арапските мигранти кои бегаат во Европа од војна и сиромаштија.