Двојазичните полициски униформи заборавени! – Спасовски веќе една година вели „во процес се“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Двојазичноста во полицијата и понатаму останува само пример како ќе изгледа амблемот. Но, двојазичните униформи сѐ уште не станаа реалност!

Секојпат кога ќе го прашаме министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски – до каде е ова прашање, тој дава еден ист одговор – дека постапката е во тек. Ист одговор за ТВ21 даде и денеска:

Исто вака Спасовски одговори и пред една година.

Но, помина повеќе од една година откако екс-министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Агим Нухиу ги достави до Влада нормативните акти за двојазичните униформи, но досега работите тапкаат во место. Неколку месеци подоцна, ТВ21 го праша и првиот вицепремиер, Артан Груби, кој рече дека постапката треба да се повтори.

„Нормативниот акт на г.Агим Нухиу кога беше на функцијата – министер за внатрешни работи беше за време на техничката Влада и справување со пандемијата. Ќе го повториме бидејќи секако дека законите треба да се запазат, особено Законот за употреба на јазиците и не гледам никаква резерва од нашиот коалиционен партнер“, вели Артан Груби.

И денеска побаравме одговор од него – до каде е постапката за двојазичните униформи, но не добивме повратен одговор. Инаку, уште во август 2020 година, поранешниот министер Агим Нухиу ги потпиша нормативните акти за амблемите на полициските униформи да бидат и на албански јазик, а за ТВ21 изјави дека актите треба да бидат одобрени и од Владата, по што, како што објасни, ќе биде отворена и тендерска постапка со цел да може и во пракса да се интервенира за амблемите. Двојазичноста на полициските униформи се базира на одредбите од Членот 8 од Законот за употреба на јазиците.