ЦУК: 24 пожари на отворен простор, осум и натаму активни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија и денеска се соочува со серија пожари на отворен простор, од кои дел и натаму остануваат активни. Според последните информации на Центарот за управување со кризи, до 18 часот се регистрирани вкупно 24 пожари, при што осум сè уште се активни.

Пет пожари се ставени под контрола, додека 11 се целосно изгаснати.

Најсериозна е состојбата во осумте подрачја каде што огнот и натаму се шири. Активни пожари има во Ѓорче Петров, Македонски Брод, Чучер-Сандево, Градско, Струга, Липково, Маврово и Ростуше и Кичево.

Во Ѓорче Петров активен е пожарот кај Грачани и Никиштани, кој зафаќа и шумска површина на територијата на Косово. Во Македонски Брод гори кај Белица, во месноста Кајорец, во правец кон Брезница и репетиторот, каде што е зафатена нискостеблеста и мешана шума.

Пожар има и кај Брест, во месноста Рамно во општина Чучер-Сандево, каде што гори мешана шума. Во Градско, кај Ногаевци, огнот зафаќа ниска вегетација, грмушки и борова шума.

Активен пожар е регистриран и кај Подгорци во Струга, каде што гори ниска вегетација и мешана шума. Во Липково, кај Матејче, огнот зафатил мешана ниска шума.

Во општина Маврово и Ростуше активен е пожарот на местото викано Чавкарник над Маврово, каде што гори ниска вегетација, пасишта и мешана шума. Во Кичево, пак, пожарите кај Кнежино и Добреноец зафаќаат нискостеблеста шума.

Под контрола се пожарите во Буринец–Локов–Селци во Струга, кај Брезница во Македонски Брод, во Копаница во Сарај, како и пожарите на депониите во Кратово и Делчево.

Во текот на денот целосно се изгаснати 11 пожари. Меѓу нив се пожарите кај Црвени Брегови во Неготино, на улицата „Перо Наков“ во Гази Баба, кај Милетино и Радиовце во Брвеница, Равен и Форино во Гостивар, Бедиње и улицата „Ѓорче Петров“ во Куманово, Ваксинце во Липково, Ротино во Битола, Ново Лагово во Прилеп и Манастирско Доленци во Кичево.

Состојбата со пожарите се следи во текот на целото деноноќие, а надлежните служби продолжуваат со интервенциите на теренот.