ДЗР: Над 14 милијарди денари кредити за бизнисите, 44% од средствата за домашното производство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Над 14 милијарди денари кредити се одобрени за инвестиции и развој на приватните компании во Македонија. Со поволни кредитни услови, бизнисите финансирале изградба на објекти, набавка на опрема и премин кон обновливи извори на енергија.

Според Државниот завод за ревизија, до февруари 2026 година биле одобрени 767 проекти во вредност од околу 14,3 милијарди денари, преку кредитна линија од 250 милиони евра.

Најголем дел од средствата, 44%, биле насочени кон домашното производство, додека 25% ги искористил трговскиот сектор, а 10% секторот за транспорт.

Во однос на намената на инвестициите, 46% од средствата биле искористени за градежни објекти, 39% за современа опрема, а 11% за премин кон обновливи извори на енергија.

Кредитите се одобруваат со фиксна каматна стапка од 1,95%, рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години. Компаниите треба да обезбедат и сопствено учество од најмалку 20% од вредноста на инвестицијата.

Ревизијата утврдила дека активностите на Развојната банка во врска со управувањето со средствата се во согласност со соодветната законска и договорна рамка.