ДЗС бара поранешни полицајци, војници и пожарникари за гаснење пожари, нуди 2.150 евра за три месеци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати јавен повик до поранешни припадници на полицијата, Армијата и противпожарните единици да се вклучат во справувањето со пожарите на отворен простор и шумските пожари во текот на летната сезона.

Како што соопшти директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, потребни се лица за повеќе позиции, меѓу кои возачи на специјални противпожарни возила, оператори на противпожарни пумпи и оператори со противпожарни водни ранци и метли.

Според повикот, ангажираните лица ќе имаат можност да заработат по 44.000 денари нето месечно, односно вкупно 132.000 денари за тримесечен ангажман, што изнесува околу 2.150 евра.

ДЗС располага со специјализирана опрема и возила за интервенции, меѓу кои 22 пинцгауери, пет хермелини и 15 оклопни транспортери БТР, пренаменети за противпожарни намени.

Работниот ангажман ќе биде организиран според потребите на теренот и интензитетот на пожарите. Од Дирекцијата посочуваат дека ќе се води сметка и за користење на слободни денови, со цел ангажираните лица да можат да ги реализираат и претходно планираните летни одмори.

Право на пријавување имаат лица со најмалку пет години работно искуство во полицијата, Армијата или противпожарните единици, без разлика дали се пензионирани или претходно го напуштиле работното место по друг основ. Кандидатите треба да бидат во добра здравствена и психофизичка состојба.

Од ДЗС нагласуваат дека пензионерите ќе продолжат непречено да ја примаат својата пензија, а дополнително ќе добиваат надоместок за ангажманот преку договор на дело.

За избраните кандидати ќе бидат организирани здравствени прегледи, проверка на психофизичката подготвеност, кратка противпожарна обука, како и обезбедување униформи и неопходна заштитна опрема.

Пријавувањето се врши електронски на адресата dzs@dzs.gov.mk, со доставување име и презиме, кратка работна биографија и телефонски број за контакт.

Повикот доаѓа во пресрет на летната сезона, кога традиционално се зголемува ризикот од пожари на отворен простор низ целата држава.