ЕБУ ќе одлучи за учеството на Израел на следниот Евровизиски натпревар во ноември

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претставниците на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) ќе гласаат на почетокот на ноември за тоа дали Израел ќе учествува на следниот Евровизиски натпревар, по повиците од неколку европски земји за бојкот, дознава АФП.

Гласањето ќе биде за тоа дали израелскиот државен радиодифузер, РТВ Кан, членка на ЕБУ, може да учествува, изјави портпарол на ЕБУ за АП.

Ирска, Холандија, Словенија и Шпанија се заканија дека нема да учествуваат на Евровизискиот натпревар доколку Израел учествува.

Шпанија е една од земјите што плаќаат најмногу за натпреварот, заедно со Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство.

Германија и Австрија, која ќе биде домаќин на натпреварот во 2026 година, го поддржаа учеството на Израел, но другите национални радиодифузери, вклучувајќи ја и Би-Би-Си, сè уште не донеле одлука, објавува АП.

Австрија, домаќин на Евровизискиот натпревар во 2026 година, минатата недела ги осуди повиците за бојкот доколку Израел учествува.

Евровизија е редовна сцена на геополитички конфликт: Русија беше исклучена поради нејзината војна во Украина, Белорусија една година претходно поради нејзиното смртоносно задушување на демонстрациите и репресијата врз опозицијата по спорниот реизбор на Александар Лукашенко за претседател, а сега е на ред Израел поради неговата брутална војна против Палестинците во Појасот Газа.