Полицаецот од Битола, кој лани беше снимен и објавен на социјалните мрежи како тепа Ром во близина на Поштата во градот, е неправосилно осуден на казна затвор во времетраење од една година, објави СДК.МК.
Тој е обвинет за сторено кривично дело малтретирање при вршење служба.
Случајот за СДК.мк го потврди Невзат Јашаровски, врз кого беше употребена физичка сила од страна на полицаецот откако неговиот син со автомобил удрил во бандера на улицата Рузвелтова.
„Не очекувам дека ќе биде ваква пресудата во моја полза. Многу сум благодарен. Полицаецот е осуден на една година затвор и сметам дека ова ќе биде поука за сите вакви немили настани да не се повторуваат. И сега кога ќе се сетам на тој настан се вознемирувам. Колата ја купив и рековме со синот и пријателите да ја испобаме, отидовме во кафана и кога се враќавме в бандера удри мојот син. Само што излеговме надвор полицискиот службеник почна да мава на мене со тупаници, клоци, пендраци и морав да одам во болница“, посочи Јашаровски.
Истото го потврдиле и од Граѓанската асоцијација АВАЈА, која го обелодени настанот, од каде велат дека Невзат ја добил правдата и дека полицаецот е прогласен за виновен.
Инаку, по овој настан граѓаните на Битола излегоа на протест против полициската бруталност.
