Една година од стапувањето на сила на Преспанскиот договор одредбите различно се применуваат од македонска и од грчка страна. Според професорот на грчкиот универзитет Јоанис Армаколас македонската страна исполнила многу повеќе во однос на грчката. Во однос на најавите на опозицијата дека доколку дојде на власт ќе го ревидира договорот, тој вели дека тоа не би можело да се оствари. Било каков евентуален обид, само би не вратило назад, вели тој.
„Мислам дека Грција има уште многу да направи уште многу повеќе за да се имплементира духот на договорот. Ако Владата во Скопје дали тоа е оваа влада или следната влада по изборите не се целосно посветени на договорот мислам дека ќе има многу притисоци во Грција за повторно да ги блокира пристапните преговори со Европската унија. Ова ќе не врати повторно во првичната состојба во политичка атмосфера и расправиите како што беше пред да се потпише договорот“, рече Армаколас.
Грчката новинарка Александра Вудури зборуваше за тоа дека имплементацијата на Преспанскиот договор и не е толку значајна тема за грчките медиуми.
„Јавниот интерес најмногу е посветен на миграциското прашање кое што стана многу голем проблем за владата во Атина и секако политичките прашања со тензичните односи со Турција“, рече Вудури.
На годишнината од влегувањето во сила на Договорот од Преспа од невладината Евротинк издадоа мониторинг извештај за неговото спроведување. Оттаму велат дека иако одредбите не се применуваат подеднакво во двете држави, сепак договорот постигнал многу за двете страни а служи и како пример за тоа како да се решат меѓусебни конфликти.
