Точно пред една година беше евидентиран првиот случај на заразен со корона вирус. Беше дијагностициран 55 годишен маж од кинеската провинција Хубеи. Од тогаш бројот на заразени во светот надмина 55 милиони, а повеќе од 1.3 милиони лица починаа како последица на Ковид-19. Денеска во Кина, каде се започна, се евидентираат само неколку случаи на ден, во САД на дневно ниво се евидентираат по 150 илјади заразени, а во неколку европски земји и над 40 илјади.
„Овој вирус е опасен, може да нападне било кој дел од нашето тело. Земјите кои дозволуваат вирусот да се шири без контрола, играат со огнот.“, вели Тедрос Гебрејесус, генералниот директор на СЗО.
На почеток бројката се зголемуваше полека но потоа почна со забрзано темпо да се зголемува, а вирусот излезе од кинеските граници. Од Кина, вирусот премина во САД. Соединетите држави првиот случај со Ковид-19 го потврдија на 22 јануари. Пациентот се вратил од Вухан.
„Новиот вирус пристигна и во САД. Центарот за превенција и контрола на болестите го потврди првиот случај во Вашингтон стејт. Пациентот кој е во изолација се вратил од Вухан. “
Иако од Европскиот центар за контрола и превенција на болестите изјавија дека веројатноста вирусот да стигне во Европа е мала, меѓутоа не беше така. Првиот случај со корона во Европа беше регистриран во Франција. Лицата се заразиле со вирусот во Вухан.
„Францускиот министер за здравство потврди дека се евидентирани два случаја со Корона вирус. Првиот случај е регистриран во четврток. Заразениот е 48 годишен маж кој е ставен во изолација а тој се вратил од Вухан.“
До 17 март скоро сите европски земји ги регистрираа првите случаи со корона вирус. Во нашата земја првиот случај беше евидентиран на 26 февруари. Првиот заразен пациент беше 50 годишна жена која се врати од Италија, а таму престојувала еден месец.
Иако повеќе од 38 милиони лица оздравеле за една година, вирусот не стивнува и изгледа дека ќе го достигне врвот. Во моментов, поголем број на заразени има во САД, Индија, Бразил, Франција и Русија. Научниците се сомневаат дека Ковид-19 од лилјак преминал на друго животно кое подоцна луѓето го користеле како храна, па затоа започнал да се шири меѓу луѓето.
