Една година од првиот случај со коронавирус, од тогаш 90.685 позитивни пациенти, 3.111 починале

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Помина една година од првиот регистриран случај со Ковид 19 во Северна Македонија. Првата заразена пациентка беше 50 годишна жена од Дебар, која се вратила од Италија каде била на престој еден месец. Откако доби позитивен резултат, пациентката беше хоспитализирана на Инфективната клиника во Скопје. Иако патувала со уште 12 други лица во комбе, ниеден од другите патници не се зарази со корона вирусот.
Веста ја објави првиот човек на Здравство, Венко Филипче на прес конференција за медиумите кој повика на смиреност.

Но дали всушност имаше простор за паника или не?
По 365 дена, од 26 февруари минатата година, 3.111 лица починале како последица од вирусот Сарс Ков 2.

Од почетокот на ширењето на вирусот до сега се заразиле 101.214 лица, битката со Ковид 19 ја добиле 90.685 лица, а 3.111 починале од компликации предизвикани од овој вирус. Во моментов во нашава земја има 7.418 активни случаи со корона вирус.

Министерот за здравство Венко Филипче оценува дека медицинскиот систем и персонал успешно се соочува со невидливиот непријател. Филипче вели дека во моментов има лесен пораст на позитивни случаи на дневна основа. Доколку продолжи ваквиот тренд, може да следат дополнителни рестриктивни мерки.

Една година од корона вирусот во земјава, а Северна Македонија се уште ги нема добиено порачаните вакцини за имунизација на населението. Владата успеа да набави само вакцини кои стигнаа од Србија како донација. Станува збор за 8.200 вакцини од производителот Фајзер со кои се вакцинираат здравствените работници. 180 илјади граѓани изразиле интерес да се вакцинираат, тие ги чекаат вакцините Синофарм, Фајзер и вакцината Спутник од Русија за кои Министерството за здравство постигна договор, но и оние од Ковакс системот на Европската Унија и солидарниот фонд .