Едно лице загина во шумски пожар во близина на Атина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грчката противпожарна служба соопшти дека еден маж загинал во голем шумски пожар југоисточно од Атина, кој бил разгоруван од силни ветрови.

Портпаролот на противпожарната служба, Василис Ватракојанис, потврди дека еден постар маж е пронајден мртов во својот дом.

Жителите на неколку села се евакуирани, а службата за цивилна заштита прогласи највисоко ниво на опасност од пожар за поголемиот дел од Егејското Море, објави новинската агенција ДПА.

И покрај преземените мерки, неколку десетици куќи изгореа, објавија локалните медиуми.

Пожарот, кој избувна попладнето под нејасни околности, гори на околу 35 километри од грчката престолнина.

Властите соопштија дека во воздушната борба учествувале три авиони и пет хеликоптери, додека пожарникари од други делови на земјата ги засилуваат локалните тимови.

Дополнителна поддршка е на пат, објави државната телевизија ЕРТ. Туристичките објекти во областа во моментов не се загрозени.