Тешка новогодишна ноќ на скопските клиники – двегодишно дете со повреда од куршум во главата е во критична состојба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бурна новогодишна ноќ и полни раце работа за докторите на скопските клиники, каква што немале во последните години. Граѓани, но и многу малолетници претерале со алкохол и завршиле на Токсикологија. Имало поголем број повредени од оружје, тепачки, од пиротехника, од соообраќајки. На клиниките во Државната болница тројца пациенти се во животозагрозувачка состојба, по пад од голема височина.

Критична е состојбата на двегодишно дете кое било примено со прострелна рана во главата..

„Пациент 30 годишен од непознати причини. Јавено е за овој пациент дека е пронајден паднат. Е во животозагрозувачка состојба. Извршено е оперативно лекување на рбетниот столб и моментално се наоѓа на клиниката за интензивно лекување. На неурохирургија е примен 16 годишен пациент од Штип, исто така при пад од висина. Дете со непознати лични податоци од 2 години е примено на интензивна нега, со проектил во главата од огнострелно оружје“, вели Игор Мерџановски.

30-годишниот  маж е пронајден паднат во реонот на Буњаковец, двегодишното дете е донесено околу 3-4 часот утринава, а засега нема официјални информации за тоа што се случило.

Имале и пациенти од три сообраќајки, но не во Скопје. Една 17-годишна пациентка од Тетово имала тешка телесна повреда и завршила на операција. Осум пациенти настрадале во тепачки. Шест со полесни повреди се пуштени дома, како и еден со површна повреда од нож во левата лумбална регија.

Додека Скопјанец бил донесен на операција со прострелна рана во пределот на лактниот зглоб, која ја заработил во Прилеп. 8 лица  настрадале од пиротехника меѓу кои две деца од 12 и 13 години кои се на операција, како и 69 годишен маж со повреда на левата подлактица и левата шака.

31 лице на новогодишната ноќ завршиле на Токсикологија бидејќи претерале со алкохол. 13 се малолетни, а најмалата пациентка има 14 години. Сите се пуштени дома.

„31 наш сограѓанин, во текот на изминативе 12 часа завршија на нашата клиника. Најмладата пациентка е 14 годишна, најстарата повторно пациентка е 44 годишна. Од овој број 13 беа малолетни. Според половата структура, 21 имавме од машки пол и 10 од женски пол“, посочи Нико Беќаровски.

Бурна ноќ имале и во Градската болница. Примиле вкупно 19 пациенти , 8 со повреди од физички пресметки, 4 од сообраќајки, 6 од пиротехника и еден во алкохолизирана состојба.

„Ако може да има добра страна кога се работи за повреди е тоа што се помал број се малолетни лица, во однос на повредените. Така да, во сообраќајката имаме само едно малолетно лице, петгодишно дете кое што е повредено. Во однос на петардите имаме само двајца од малолетниците. Загрижува тоа што најстариот од повредените од петардите  е на 57 годишна возраст, малку чудно“, вели Небојша Настов.

Докторите алармираат дека бројот на повредени за  новогодишната ноќ е значително зголемен во споредба со претходните години, а дел од случаите се поврзани со алкохолизирана состојба. Истражните органи ги утврдуваат околностите за потешките инциденти.