Убиен 22 годишен турски државјанин во Старата скопска чаршија – осомничениот е во бегство и по него се трага

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дваесет и две годишен турски државјанин со нож е убиен за време на новогодишната ноќ пред угостителски објект во Старата Скопска чаршија. Осомничениот е во бегство и по него се трага.

Покрај убиениот турски државјанин, во инцидентот е тешко повредено уште едно лице.

„Со остар нож се предизвикани и убиството и тешката телесна повреда. Имаме осомничено лице. Во интерес на истрагата не можам да отворам повеќе детали. Моментално лицето е во бегство. Станува збор за поголем број на учесници во рамки на вчерашниот кривично-правен настан кој што го споменавте, кој што сите до еден, согласно информациите кои што ги имам до сега се странски државјани“, порача Панче Тошковски.

Се истражува и како настрадало двегодишното дете кое е примено во Клиничкиот центар со куршум во главата и е во животозагрозувачка состојба.

Министерот рече дека има повеќе теории како е повредено, но штом ќе ги утврдат причините ќе ја информираат јавноста.

„Станува збор за метален фрагмент кој што со сигурност во овој момент не можеме да детално го специфицираме. Но веднаш штом имаме информации ќе биде споделена во јавноста. Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детенцето. Штом точно ги утврдиме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда соодветно ќе ја информираме јавноста“, вели Панче Тошковски.

За новогодишната ноќ во Скопје имало 7 повредени лица од петарди, а едно лице се самоповредило со ловечка пушка во Битола. Тошкоски кажа дека во земјава имало 31 кривично дело , 23 сообраќајки од кои 2 со тешки телесни повреди. Приведени биле 49 лица по разни основи од кои најмногу за нелегална трговија со дрога и за нарушување на јавен ред и мир. Министерот Тошкоски  оцени дека новогодишната ноќ во Македонија поминала главно мирно, со исклучок на двата сериозни инциденти, со турскиот државјанин и со двегодишното дете.