Едно од десет деца во Македонија било изложено на сексуална злоупотреба преку технологија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца сè повеќе се префрла и во дигиталниот простор, а ново истражување открива загрижувачки размери на проблемот во Северна Македонија. Според извештајот „Disrupting Harm“, едно од десет деца на возраст од 12 до 17 години кои користат интернет било изложено на сексуална експлоатација или злоупотреба со помош на технологијата во текот на една година.

Тоа одговара на околу 12.000 деца на национално ниво.

Истражувањето покажува дека злоупотребата може да се случува целосно онлајн, но и преку комбинација на интернет-комуникација и средби во живо. Технологијата може да биде искористена и за снимање, споделување или олеснување на сексуалната злоупотреба.

Особено загрижувачки е податокот дека сторителите во најголем број случаи не се непознати лица. Дури 78 проценти од децата биле изложени на злоупотреба од лице кое претходно го познавале. Во 57 проценти од случаите сторителите биле полнолетни.

Во 39 проценти од случаите станувало збор за сегашни или поранешни интимни партнери, односно лица кон кои детето имало симпатии, додека членови на семејството биле вмешани во 27 проценти од случаите.

Социјалните мрежи се издвојуваат како најчесто место каде што се случувале инцидентите – повеќе од половина од евидентираните случаи биле поврзани со нив. Речиси една третина се случиле преку онлајн-игри.

Дополнително, 48 проценти од погодените деца доживеале повеќе од една форма на злоупотреба во годината пред спроведувањето на истражувањето.

Последиците можат да бидат сериозни и долготрајни. Според извештајот, децата кои биле изложени на ваков тип злоупотреба имале 11 пати поголеми изгледи за самоповредување и 12 пати поголема веројатност за самоубиствени мисли или однесување во споредба со децата кои не доживеале такво искуство.

Стручните лица интервјуирани во истражувањето укажале на последици како срам, страв, стрес, нарушен сон и чувство на губење контрола, како и постојан страв дека материјалите поврзани со злоупотребата ќе останат достапни на интернет.

Само мал дел бараат институционална помош

Иако 88 проценти од децата кои доживеале сексуална експлоатација или злоупотреба му кажале некому за тоа, формалното пријавување останува исклучително ниско – под еден процент.

Како главни причини се наведуваат срамот и стигмата, недоволната информираност за начинот на пријавување, како и недовербата во институциите.

Извештајот укажува и на недостатоци во законската рамка, особено кога станува збор за заштитата на децата на возраст од 14 до 17 години. Се повикува на законски измени, подобри механизми за пријавување, поголема достапност на услуги за поддршка и поефикасна координација меѓу институциите, училиштата, полицијата и технолошкиот сектор.

Истражувањето опфатило 1.039 деца на возраст од 12 до 17 години и 1.039 родители и старатели, а биле спроведени и интервјуа со млади луѓе со искуство на злоупотреба, професионалци кои работат со деца, полицајци и претставници на правосудството.

Извештајот „Disrupting Harm во Северна Македонија“ е изработен во соработка на УНИЦЕФ – Иноченти, ECPAT International и ИНТЕРПОЛ, со поддршка од Safe Online и во соработка со Владата.

Од институциите и организациите апелираат децата и родителите кои се загрижени или погодени да побараат помош од социјалните служби, училиштата, полицијата или специјализираните служби. Одговорноста за злоупотребата секогаш е кај сторителот, а не кај детето.