Откако ДУИ упати повик до партии со слична визија и интелектуални капацитети да се обединат со нејзината политичка формација, Централниот совет на Европската демократска партија (ЕДП) го овласти претседателот Арјанит Хоџа да ги продолжи разговорите со лидерот на ДУИ и да го најде најсоодветниот облик и модел за завршување на овој процес.
„Централниот совет на Европската демократска партија оценува дека треба да се даде шанса за обединување во рамки на политичка партија која ќе продолжи да биде главниот глас на Албанците во Северна Македонија.“, велат од Европската демократска партија.
Ова следува по седницата на 13 јануари, кога Генералниот совет на ДУИ упати повик до сите политички партии во земјата да станат дел од оваа политичка формација.
„Овој повик е упатен до сите политички субјекти, општествени здруженија, интелектуалци и професионалци, да станат дел од ДУИ и од нашата заедничка визија за стабилна, демократска и развиена држава.“, велат од ДУИ.
Повикот на Ахмети беше одбиен од АА на Арбен Таравари и од Движењето „Попули“ на Скандер Реџепи. Лидерот на АА Таравари во Клик Плус изјави дека немаат намера да се стопат во ДУИ, но се отворени за соработка. Од Движењето „Попули“, изјавија дека се автономен политички субјект и дека така ќе продолжат и во иднина во коалиција со ДУИ. Инаку, ЕДП беше дел од Европскиот фронт пред парламентарните избори во 2024 година. Арјанит Хоџа ја започна својата политичка кариера во ПДП, потоа беше дел од Нова демократија на Имер Селмани, а подоцна во Движење Беса, како генерален секретар и заменик-претседател. Кога Беса беше во Владата предводена од Заев во 2020 година, Хоџа беше министер за Земјоделство.
