Едштадлер: Немам разбирање за блокадата на Бугарија, Австрија се нуди да биде посредник во спорот меѓу Софија и Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија и Албанија да останат во пакет и што побргу да добијат заеднички перспективи во Европската унија. Ова е ставот на австриската министерка за Европа Каролине Едштадлер во врска со одделни најави дека е веројатно двете земји да бидат разделени од овој пакет поради блокадата на Бугарија за старт на преговори за нашава земја. Ваквиот став го потврди и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

„Ние сме на мислење дека ќе биде ризично и во секој случај ќе треба да се спречи овие две земји и овој процес да ги разделиме leaving noone behind, значи неоставањето на никој назад секако во преговорите ќе треба да остане како девиза“, рече министерката за Европа на Р.Австрија, Каролине Едштадлер .

„Огромно мнозинство земји членки имаат став дека двете земји ги исполнуваат условите и дека е крајно време да имаме две Меѓувладини конференции и за Северна Македонија и за Албанија“, посочи вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

Австрија е во срцето на Европа а Северна Македонија е во срцето на Балканот. Јас сакам двете срца да бидат обединети во Европската унија, рече на македонски јазик Едштадлер. Таа истакна дека Австрија се нуди да помогне и да биде посредник во спорот меѓу Македонија и Бугарија со цел да се деблокира патот кон Европската унија.

„Немам разбирање за тоа некои земји овде да ги блокираат стремежите на интеграцијата, немам разбирање за тоа овој процес да биде запрен и конкретно да има отпор од Бугарија. Сакам уште еднаш понудата на Австрија да ја укажам истакнам како еден вид на посредник за решавање на проблемот помеѓу Бугарија и Северна Македонија за ние да посредуваме. Сега се работи за ништо помалку од нашата заедничка иднина“, додаде Едштадлер.

Вицепремиерот Димитров за очекувањата од јунските самити рече дека време е да почнеме пристапни преговори, бидејќи ние сме земја кандидат 16 години.

„Мислам дека многу земји членки чувствуваат и разбираат дека е крајно време оваа година да има сериозно поместување кон подобро за европската идеја во нашиот регион. Минатата година почна добро, заврши не така добро, многу е важно и на регионот и на Европа ни треба успех оваа година, јас се надевам дека ќе најдеме начин и покрај политичкиот контекст кон што очигледно е предизвик“, додаде Димитров.

Австриската министерка Едштадлер е во посета на Западен Балкан, а на својата турнеја низ регионов, прва ја посети нашата земја.