Македонија утре против Шкотска во Лига на нации – време е конечно да се прекине лошата серија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шест меча без постигнат гол и серија од десет натпревари без победа. Со ваков учинок македонската фудбалска репрезентација го пречекува утрешниот меч од Лигата на нации против Шкотска во Скопје. Селекторот Гоце Седлоски се уште чека на својата прва победа на кормилото на репрезентацијата. Свесен е за лошата серија, за слабите игри и резултати, но вели дека останува на ставот да ја подмлади репрезентацијата, додавајќи дека сите критики треба да бидат упатени на негова адреса.

„Овие момци што се тука, ве молам дадете им поддршка. Јас ја подмладив репрезентацијата и ќе продолжам да ја подмладувам.Критиките нека одат кај мене. Јас имам договор со Федерацијата, тоа е нашата цел, да ја подмладуваме репрезентација, да создадеме нови играчи и тука не застанувам. Го кажав тоа и по натпреварот во Љубљана и на тој процес останувам до крај“, рече Гоце Седлоски.

Напаѓачот Бојан Миовски, кој настапува во шкотското првенство за Ренџерс, вели дека ова не се посакуваните резултати, но ќе се обидат на дуелот со Шкотска да ја прекинат серијата без победа.

„Сега сме во момент во кој треба да покажеме карактер и заедништво. Нормално, немаме посакувани резултати како што очекуваме, но сега треба да бидеме тим и тоа да го докажеме на терен. Можеме да зборуваме многу овде, да кажеме било што, но тоа треба да го покажеме на терен“, вели Бојан Миовски.

Според Јани Атанасов, покрај лошите резултати, атмосферата помеѓу фудбалерите е позитивна и сите веруваат дека конечно ќе биде обезбеден позитивен резултат.

„Се разбира дека има незадоволство во репрезентацијата после два порази, но од кога сум дел од репрезентацијата, не се сеќавам дека атмосферата била лоша и дека некој од играчите не се залагал максимално. Помеѓу момците атмосферата е топ и се надеваме на позитивен резултат“, рече Јани Атанасов.

Натпреварот Македонија – Шкотска се игра утре вечер, на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, со почеток во 20:45 часот. Досега овие две селекции одиграле четири меѓусебни натпревари. Шкотска има две победи, една Македонија, а еден натпревар завршил без победник.