Конференција „Startup revolution AI summit“ – Мицкоски: Mакедонија да биде активен учесник во вештачката интелигенција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Светот во кој што живееме се менува со брзина каква што ретко кога порано се паметело бидејќи вештачката интелигенција е технологија на сегашноста која веќе го менува начинот на кој работиме. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски за меѓународната конференција „Start up revolution AI summit“ која се одржа во Скопје. Тој порача дека Македонија не треба да биде само корисник на оваа технологија туку и нејзин активен учесник во нејзино создавање.

„Дали ќе бидеме ние само корисници на производи, алгоритми и технологии  создадени на друго место или ќе создадеме услови дел од тие идеи, производи, патенти и компании да се создаваат овде, токму во Македонија, да започнуваат од Скопје, Битола, Штип, Охрид или Тетово а потоа да растат и да се натпреваруваат на европскиот и светскиот пазар“, порача Христијан Мицкоски.

Мицкоски истакна дека не треба да се чека светот да се менува, а потоа ние да се приспособиме на новите текови туку да се трудиме да создаваме генерации кои ќе имаат знаења и самодоверба активно да учествуваа во промените што веќе се случуваат. Притоа тој рече дека Владата ќе мора да создаде потенцијал и услови во кои ќе постојат реални шанси да се успее во оваа област.

„Тоа значи современа дигитална инфраструктура, подобри и побрзи јавни услуги, квалитетно образование, пристап до капитал поврзување со инвеститори и меѓународни пазари, но и институции кои го разбираат темпото со кое функционира современиот бизнис и кои нема да бидат пречка туку партнер на оние што создаваат“, рече Христијан Мицкоски.

Сепак тој порача дека со вештачката интелигенција мора да се внимава и на одговорноста и безбедноста во кои ќе има јасни правила на системот кои ќе обезбедат нивно правилно користење.