Австрија силно ќе го поддржи отворањето на преговорите меѓу Северна Македонија и Европската Унија, изјави австриската сојузна министерка за ЕУ и уставни прашања Каролине Едштадлер. Таа рече дека мора да се признае дека граѓаните на РСМ се разочарани од ЕУ и дека Унијата не смее да го дозволи тоа, па затоа е неопходно француското претседателство да одржи меѓувладина конференција.
„Европската унија не е целосна без земјите од Западен Балкан, особено без Северна Македонија. Земјата направи многу во минатото за да покаже дека има волја, сега на нас е да покажеме дека сме способни да ги исполниме ветувањата. Го посакувам најдоброто во преговорите на Македонија и Бугарија во насока на остварување на безбедноста за нас во ЕУ“, вели Едштадлер.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ истакна дека иднината на Северна Македонија и на целиот регион е Европската Унија и време е ЕУ да го потврди тоа.
Едштадлер зборуваше и за односите со Бугарија, при што рече дека постои оптимизам дека ќе се отстранат постоечките проблеми и дека ќе има посилна билатерална соработка.
