ЕЕС за возачите од денес или од септември?! Николоски: Разговараме за работни визи со државите од ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Превозниците на стоки и патници што се упатуваат кон државите на ЕУ од денес се соочуваат со нови процедури за влез и излез во Шенген зоната. Системот за електронско евидентирање на граничните премини почна да функционира од 10 април за сите странски државјани, но од 6-те држави на Западен Балкан изразија загриженост дека им се отежнува работата на возачите на камиони и автобуси. Дали возачите ќе можат да возат повеќе од 90 дена во 180 дена Шенген зоната, од здружението „МАКАМ-ТРАНС“ велат дека добиле позитивен одговор за одложување на рестрикциите до септември.

„Уште од првиот ден се забележани компликации и долги чекања на граничните премини со ЕУ. И во Хрватска и во Унгарија имаше долги редици на нашите камионџии, кои за прв пат нема да добиваат печати во пасошите, туку ќе бидат фотографирани и ќе им се скенираат отпечатоците од прсти во системот“, велат од Здружението на превозници на камиони „МАКАМ-ТРАНС“.

„МАКАМ-ТРАНС“ вели дека целта е да се обезбедат услови во преодниот период за непречен транспорт на стоки и патници во ЕУ, без неправедни ограничувања или дискриминаторски постапки, во согласност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација (2001) и билатералните договори во патниот транспорт.

По протестите од 26 – 29 јануари со блокирање на граничните и царинските премини, возачите на камиони и автобуси беа признати како посебна професија од властите на ЕУ. За оваа категорија професионалци, ЕЕС е одложен до септември, велат од Министерството за транспорт и врски, идентификувајќи ги државите од ЕУ каде најмногу патуваат нашите камиони и автобуси за да добијат долгорочни работни визи.

-Со Бугарија и со Грција треба да имаме посебни договори, имајќи предвид дека тука има дневен сообраќај и воопшто да нема потреба од визи или ограничувања. Третиот дел оди релативно добро! Швајцарија веќе го стави во примена, Хрватска е во процес до последната недела на април. Денес го потпишав решението нашите претставници да одат во Романија за и таму да се реши проблемот. Унгарија вети дека по завршување на парламентарните избори, кои ги имаат оваа недела, ќе работат на решавање на проблемот. На 21 – 22 април владината делегација предводена од премиерот оди во Австрија на средба со канцеларот, каде ова ќе биде една од клучните теми на агендата, изјави Александар Николоски, министер за транспорт.

Властите соопштуваат дека и со Германија се водат разговори преку Стопанската комора на странски инвеститори, а со Обединетото кралство се започнати посебни преговори, бидејќи не е повеќе дел од ЕУ и Шенген зоната и има други правила за работни визи за професионалците. Некои возачи велат дека за Обединетото кралство добиваат привремени работни визи, додека за Швајцарија, која е во Шенген зоната, но не во ЕУ, добиваат други визи со дозвола за ограничен престој од 80 дена.