Запленети над 500 кубни метри нелегално исечени дрва, поднесени 140 пријави

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Над 500 кубни метри нелегално исечена дрвна маса се запленети во засилените акции на Шумската полиција спроведени низ државата во текот на септември и почетокот на октомври. Во истиот период биле поднесени 140 пријави, а привремено биле одземени и десетици возила и опрема поврзани со незаконската сеча и транспортот на дрва.

Во рамки на акциите биле одземени 13 товарни и 17 патнички возила, девет трактори, како и моторни пили, приколки, секири и други предмети користени за нелегална сеча и превоз на дрвна маса.

Засилените контроли се спроведуваат паралелно со редовните активности на Шумската полиција, со посебен фокус на подрачјата каде што е забележано поизразено дејствување на организирани групи на дрвокрадци. Целта е да се спречат незаконската сеча и нелегалното снабдување со дрва на домаќинствата и производствените капацитети, со што се нанесува значителна штета на шумскиот фонд.

„Засилените акции ќе продолжат и во наредниот период, на целата територија на државата. Заштитата на шумите е јавен интерес и наша институционална одговорност. Шумската полиција ја има целосната поддршка на Министерството да постапува одлучно и доследно против незаконската сеча, транспортот и трговијата со дрва, во рамките на своите законски овластувања“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.

Во пресрет на грејната сезона, Министерството апелира до граѓаните огревното дрво да го купуваат исклучиво од лиценцирани продавачи и складови. Со набавката од легални извори се придонесува за сузбивање на нелегалната трговија и за зачувување на шумите.

Од Министерството ги повикуваат граѓаните да ги пријавуваат сомнежите за незаконска сеча, транспорт и продажба на дрва до Шумската полиција и другите надлежни институции.