Собирите на политичките партии завршија, но ефектите ќе бидат видливи од следната недела. Иако беше донесен протокол за спроведување на изборите, истиот кон крајот на кампањата и во текот на денот на изборите не беше испочитуван. Имаше собири на граѓани, без маски и дистанца.
Но, дали некоја институција ги набљудувала собирите со оглед на тоа дека имаше прекршувања? Дали ќе има пораст на бројот на заразени со Ковид-19? Од Министерството за здравство одговорија:
„Институцијата која е надлежна да врши контрола на отворени и јавни површини е Министерството за внатрешни работи. Генерално непочитувањето на мерките го зголемува ризикот за можност за трансмисија на Ковид вирусот. Затоа во континуитет се апелите на здравствените власти за доследно почитување на мерките. Само преку носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и често миење на рацете може да го стопираме ширењето на вирусот“, велат од Министерството за здравство.
Кога може да се очекува ефектот на изборите и дали се очекува зголемување на бројот на заразени, од Институтот за јавно здравје ни одговорија:
„Засега не може да се предвиди. Ефектите се очекуваат од следната недела“, посочи Институтот за јавно здравје.
Министерот за здравство, Венко Филипче, веќе неколку дена не одржува прес конференци, но тој пред да почне кампањата ги соопшти условите под кои можат да се организираат партиски собири.
Инаку во нашата земја се уште се евидентираат троцифрени бројки на заразени со Ковид-19, а изборниот процес беше спроведен со посебен протокол. Меѓутоа, иако беше препорачано да не се организираат големи собири, сепак се одржаа. Пред одредени време, избори се одржаа и во Србија и податоците од таму покажаа дека по изборите се зголемил бројот на заразени и земјата повторно воведе изолација, при што тоа предизвика револт кај граѓаните.
