Државниот инспекторат за животна средина ги доставил сите извештаи од инспекциските надзори кои се правеле во текот на целата година до Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи, уверува Јани Макрадули заменик-министер за животна средина и просторно планирање. Она што министерството може да го направи во овој период е да се проверат сите издадени дозволи за обработка на медицински отпад, додава ресорниот министер.
Случајот со компанијата „Еко Клуб“ ги „судри“ СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии со меѓусебни критики за лошо менаџирање со медицинскиот отпад.
„Еко Клуб“ се сомничи дека во „Дрисла“ однела непреработен и нестерилизиран отпад, чии остатоци завршиле во реката Вардар бидејќи цевките биле приклучени во атмосферската канализација кои се влевале директно во Вардар. Случајот го откри првиот човек на Град Скопје, Петре Шилегов и инспекторот Мирослав Богдановиќ, кои случајот го пријавиле во Обвинителство, доставувајќи материјал кој го обезбедиле при вонредна контрола во декември минатата година. ТВ21 вчера ја посети компанијата „Еко Клуб“, но од таму не сакаа да го коментираат случајот. Од Обвинителството велат дека веќе имаат отворено постапка, но дека е во предистражна фаза.
