Најголемиот економски товар по кризата со Ковид-19 ќе падне врз сиромашните, а богатите и големите компании ќе ја надминат ситуацијата како воопшто да не се случила, рече синоќа во „Клик Плус“, поранешниот советник во Министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ.
Советникот за економија во Влада, Фатмир Битиќи, вели дека во Советот за економија кој бил формиран во Влада има консензус за преку мерките да се одржи и јавниот, и приватниот сектор, заедно со малите и средните претпријатија.
Екс-министерот за финансии, Кирил Миновски, повикувајќи се на извештај на Меѓународниот монетарен фонд, говореше околу прогнозите за пад од 4% на БДП во регионот како последица од пандемијата, додавајќи дека никој со сигурност не може да предвиди колкав ќе биде падот, бидејќи сѐ уште не се знае колку ќе трае пандемијата.
Во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 соговорниците дебатираа и за банките, плаќањето камати и антикризните мерки на Владата. Очекувањата се дека состојбата ќе почне да се стабилизира по првомајските празници, додека ММФ предвидува во еврозоната економскиот пад да биде 7.5%.
