Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Атлантскиот совет“ остро ја критикуваше претходната Влада, обвинувајќи ја дека не успеала да ги исполни обврските дома, а во преговорите со Европската Унија прифатила услови без да обезбеди доволна политичка поддршка во земјата.
„Претходната Влада не успеа да испорача дома. Тие практично рекоа: Дајте ни празен лист, ќе прифатиме сè. И го направија тоа“, рече Мицкоски.
Според него, претходната власт се обврзала на уставни измени, иако немала двотретинско мнозинство во Собранието. Мицкоски вели дека тогашната опозиција предупредувала дека прифаќањето на таквите услови може да го отежне процесот на европска интеграција на земјата.
Како дел од условите, Мицкоски ја посочи и промената на Уставот со внесување на бугарската заедница во Преамбулата.
Тој објасни дека во актуелната Преамбула се наведуваат Македонците, Албанците, Србите, Турците, Власите, Ромите и Бошњаците, додека на крајот стои формулацијата „и другите“.
„Нашиот источен сосед побара да продолжи со Бугарите и другите. Зошто треба да го направиме тоа? Зборуваме за човекови права. Ние сме политичари, не сме експерти за човекови права“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека според последниот попис, во земјата има околу 3.000 граѓани кои се изјасниле како Бугари.
Мицкоски оцени дека прашањата поврзани со човековите права не треба да се користат за политички цели и упати на институциите на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права како тела надлежни за оценување дали се прекршени човековите права.
Тој притоа се повика и на одлуката на Советот на Европа од пред неколку месеци за укинување на пост-мониторингот и мониторингот.
