Пред две години поднесе оставка од функцијата заменик министер за образование од редовите на СДСМ, поради неспроведувањето на реформите во овој сектор. За ова, тогаш му пиша отворено писмо на премиерот Зоран Заев, а потоа се повлече и од Централниот одбор на партијата. Сега, професорот Петар Атанасов вели дека дигитализацијата на наставата и дигитални алатки мора се повеќе да се употребуваат во образовниот систем. Сепак, Атанасов посочува дека министерката Царовска за кратко време сака да ја, како што вели „избутка“ реформата која не е добро подготвена и е избрзана.
„Оваа реформа не е добро подготвена, избрзана е, без многу цврсти елементи. Една идеја развиена од еден месец министерката сакаше да ја претстави како идеја долго време развивана и едноставно некако се бара да се „избутка“, некако и да се направи некаков политички успех за кратко време. Не може тоа во образованието да се направи“, истакна Петар Атанасов.
Од друга страна професорот Александар Спасеновски вели дека со дигиталните алатки се задржува вниманието на учениците од основно одделение.
„Назависно од сите слабости кои што постојат, од аспект на квалитетот на образованието, од аспект на начинот со кој што се задржува вниманието на учениците, особено во основното одделение со помош на овие алатки за виртуелна комуникација, сметам дека ова општество извлече максимум, но овие слабости кои што ги воочуваме треба да ги поправиме. Дигитализацијата е процес кој што не може да се одмине, дури и по завршувањето на оваа ковид криза“, додаде Александар Спасеновски.
Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ продолжува со противење на новиот закон за дигитализација на образованието. Пред два дена побараа одржување на референдум против воведување дигитални учебници, но нивната иницијатива беше отфрлена од собраниските комисии поради што не била во согласност со Законот за референдум. Од оваа иницијатива најавија дека ќе продолжат да организираат протести на 24 мај на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
