Владата донесе одлука за намалување на цените на училишниот прибор, која ќе важи од денеска до 30 септември 2026 година, соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
Според одлуката, трговците на големо треба да ги намалат цените за најмалку 10 отсто, додека во малопродажбата намалувањето треба да изнесува најмалку 15 отсто.
Мерката опфаќа училишни ранци, тетратки, моливи, пенкала, бои, пластелин, маркери, лепила, папки, дидактички материјали и друг училишен прибор.
Трговците ќе мора јасно да ја истакнат новата и основната цена, односно цената што производот ја имал на 1 јуни 2026 година, врз основа на која се пресметува намалувањето.
„Ова е конкретна мерка чија цел е директна поддршка на семејствата во период кога тие имаат зголемени трошоци за подготовка на децата за новата учебна година. Намалувањето на цените на училишниот прибор е уште еден чекор во насока на заштита на животниот стандард на граѓаните, како и намалување на притисокот врз семејниот буџет“, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Таа додаде дека целта е родителите да можат да го обезбедат потребниот училишен прибор за своите деца по пониски цени, при што основната и намалената цена ќе бидат јасно прикажани, а правилата ќе важат подеднакво за сите трговци.
