Скопската обиколница, една од главните артерии што поврзува различни делови од главниот град, веќе подолго време има бројни оштетувања на асфалтот.
Влошената состојба на овој пат им создава потешкотии на возачите, а не ретко претставува и потенцијална опасност за сообраќајни несреќи.
„Средната лента на Скопската обиколница има многу дупки и е речиси целосно руинирана, како резултат на тоа сите возила, вклучително и автомобилите, но и камионите, се обидуваат да возат во левата лента, предизвикувајќи потенцијална опасност од сообраќајни несреќи, при што не ретко имало и судири со последици по луѓето, но и со смртни случаи“, вели репортерот на ТВ21.
Надлежните најавија рехабилитација на обиколницата, со цел подобрување на условите за сообраќај и зголемување на безбедноста за учесниците во сообраќајот. Проектот се очекува да опфати обновување на асфалтниот слој и интервенции на оштетените делови од патот. Но, од ЈП „Државни патишта“ не даваат конкретен рок кога би можеле да започнат работите на терен.
„Јавното претпријатие за државни патишта спроведе постапка за јавна набавка за избор на проектант за подготовка на основен проект за рехабилитација на Скопската обиколница и го потпиша договорот со избраниот проектант. По финализирањето на проектната документација од страна на избраниот економски оператор, ќе започне процесот на обезбедување финансиски средства, ќе се утврди кој ќе ги изведува градежните активности и ќе започнат планираните градежни активности“, велат од ЈП Државни патишта.
Да потсетиме дека Скопската обиколница започна да се гради во 2002 година и беше пуштена во употреба во јуни 2009 година, односно изградбата траеше околу седум години. Позната како автопат „М-4“, има должина од 26,7 километри, а според официјалните извори почетната цена изнесувала околу 70 милиони евра, додека со анекс-договор ѝ биле додадени уште 48,3 милиони евра. По поплавите од 6 август 2016 година, кои го опфатија и подрачјето на Стајковци, обиколницата беше во голема мера оштетена и во период од една деценија се правени само симболични санации.
