Елбасан „ги обедини“ Албанија и Косово – на состанокот на двете Влади, потпишани неколку договори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Елбасан  е градот каде овој пат се сретнаа владите на Албанија и Косово на 7 заедничка средба. Поради обилните врнежи о9д дожд, немаше свечен пречек на кабинетот од Косово. Двата кабинета ја продлабочија соработката во областа на слободното движење, образованието, правдата, инфраструктурата, културата и трговската размена. Премиерот Еди Рама рече дека двете земји се подготвени за спроведување на договорите со цел тие да не останат само ветување.  За следната јубилејна годишнина од независноста, најави унифициран буквар.

„Тоа за што се договоривме е да имаме еден буквар. Доколку се договориме денеска, да имаме еден буквар  на албански јазик во Албанија и Косово и потоа овој буквар на албански јазик да го имаат сите области каде живеат Албанци или на просторите каде децата учат и пишуваат на албански јазик“, истакна Еди Рама.

Конкретизацијата на договорите според премиерот на Косово, Албин Курти ќе ги зајакне двете земји во областа на економијата и геополитиката.

Премиерите и министрите имаа исти маски дизајнирани со знамето на Албанија и Косово. Премиерот на Косово ја нарече болна тема замената на симболите на Косово што според него предизвика колективни   потреси, а потоа додаде дека целта на двете земји останува интеграцијата во ЕУ.

„Да кажеш дека сме поделен народ, би било глупост, да кажеш дека сме среќни што имаме две држави бидејќи така сме посилни, би било премногу но исто така и кратковидно, да кажеш  дека се залагаш за народна обединетост, ќе те наречат националист, а да кажеш дека ќе се обединиме во ЕУ ќе те наречат дипломат. Имам впечаток дека  последниве се покажаа поуспешни така што ајде да зборуваме како дипломати, а да работиме како  патриоти“, посочи Албин Курти.

Признавањето на општествената безбедност, отворањето на граничниот премин во Шиштавец  кај Кукеш  како и проектот за железницата Драч – Приштина, се меѓу главните точки за кои двете влади се договорија. Се очекува двата кабинета да го финализираат формирањето владин    координативен секретаријат при двете канцеларии на двајцата премиери.