Омиленото превозно средство во моментот се претвора во кошмар за родителите и лекарите во Тетово. Клиниката за ортопедија е полна со деца кои се здобиваат со тешки повреди по падови од електрични тротинети.
Лекарот Харис Караџенеми апелира до родителите да им ги забранат овие средства на децата, бидејќи последиците врз скелетниот систем можат да бидат непоправливи за нивната иднина.
– Алармантен е бројот на случаи што се јавуваат во нашата амбуланта и е во пораст. Апелираме до родителите и државните институции да направат сè за спречување на користењето на тротинети од страна на деца. Секоја недела имаме по четири до пет случаи на повреди кај деца. Затоа уште еднаш бараме да се забрани користењето на тротинети од деца. Дел од овие повреди се случуваат и во зоните на раст на коските и можат да остават последици во иднината, деформитети при развојот или растот на скелетниот систем, изјави Др. Харис Караџенеми, ортопед.
Овој аларм ја активираше и Секторот за внатрешни работи во Тетово. Полицијата значително ги зголеми контролите не само за тротинети, туку и за мотоцикли што сообраќаат без правила. Само вчера во регионот на Тетово се откриени десетици прекршоци, при што имало и конфискации на возила.
– СВР Тетово и МВР ги зголемија мерките и контролните активности со цел намалување на бројот на прекршоци што се случуваат и санкционирање на возачите кои не ги почитуваат правилата. Само вчера во регионот на Тетово се констатирани вкупно десет прекршоци, пет за неносење заштитна кацига, четири за несовесно управување со возило и се конфискувани мотоцикли, како и еден прекршок за управување со возило со несоодветна категорија, изјави Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.
Вкупниот биланс од последните акции на мобилната единица достигнува 71 изречена мерка за сообраќајни прекршоци и кривични дела во сообраќајот. Властите најавуваат дека строгите контроли ќе продолжат. Целта е спречување на несреќи со фатални последици, пред тротинетите и моторите да одземат човечки животи.
