Русија и Украина разменија напади по разговорите и заминувањето на американскиот посредник Виткоф

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ракети го погодија Киев во раните утрински часови, јави Ројтерс според сведоштва на очевидци, додека Украина во текот на ноќта испрати стотици дронови кон Москва. Двете страни продолжија со интензивните напади и покрај најновите обиди на САД да посредуваат за завршување на војната.

Во руските напади биле повредени 15 лица, а оштетена била и инфраструктурата на метрото на Јужниот мост над реката Днепар во украинската престолнина, соопштија властите во Киев. Сообраќајот на мостот исто така бил ограничен. Нападите следуваа по уште еден напад врз градот во средата вечерта, во кој беа повредени шест лица.

Руски напад во Харковската област усмртил една жена, а повредил уште четири лица, соопшти регионалниот гувернер Олех Синехубов. Дрон погодил и енергетска инфраструктура во областа Кременчук, во Полтавската област, информираше локален функционер без да објави дополнителни детали.

Кременчук, кој се наоѓа на реката Днепар, е значаен индустриски центар и дом на една од најголемите украински рафинерии за нафта. Областа повеќепати била цел на руски напади, вклучително и во 2022 година, кога напад врз преполн трговски центар усмрти најмалку 21 лице.

Во Русија, пак, две лица биле повредени во близина на Москва, откако во текот на ноќта кон престолнината биле испратени 630 дронови, соопшти градоначалникот Сергеј Собјанин. Според него, повеќето од дроновите биле соборени на поголема оддалеченост од градот.

Во градот Липецк, каде што се наоѓа голема челичарница на околу 400 километри јужно од Москва, еден маж бил повреден кога дронови погодиле станбени згради и здравствена установа, соопшти гувернерот Игор Артамонов.

Најновите напади следуваат по разговорите што специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, ги одржа оваа недела со украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, со цел да посредува за завршување на конфликтот.

Зеленски во средата изјави дека Украина го поддржува американскиот предлог за трилатерални разговори меѓу Украина, Русија и САД, на ниво на преговарачи, што би се одржале што е можно поскоро. Кремљ соопшти дека Путин се согласил уште следниот месец да продолжат мировните преговори со Киев со посредство на САД.

Русија ја нападна Украина во 2022 година, осум години откако го анектираше полуостровот Крим, кој претходно беше дел од нејзиниот јужен сосед. Двете земји оттогаш се вовлечени во најсмртоносниот конфликт на европскиот континент од Втората светска војна.