Енигматиката како спорт за мозокот – Менсур, еден од ретките кој ги држи во „живот“ крстозборите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На крајот на секој весник, дури и онлајн, има крстозбор или енигми. Воопшто не е лесно нивното создавање, но Менсур Мамути од Тетово веќе 28 години го работи тоа. Тој за ТВ21 раскажува како му почнала ова страст.

„Од детството, родителите, чичко ми, носеа весници и така почнав да се интересирам и до 1994 година кога го издадов моето списание, од детството постојано создавав во хартии и работев и во секое слободно време се занимавав со енигми, додека не дојде времето на весниците и до ден денес тоа го работам“, вели Менсур Мамути.

Решавањето на крстозбор или на разните проблематики и енигми, според него, е начин за развој на мозокот,  тренирање на памтењето и го олеснува решавањето на секојдневни проблеми.

„Го ангажира и развива мозокот, но се користи и како начин за излекување на деменција, покажано е и со научни трудови дека ја излекуваат деменцијата. Многу влијае доколку се користи за да научиме нови работи, и стануваме по способни за полесно решавање на проблеми“, вели Менсур Мамути.

Иако претставува добар спорт за мозокот, интересот на луѓето за енигми се намали исто како и за печатениот весник. Ова предизвика многу професионалци да се повлечат од оваа работа, а малкумина се уште ја работат ова работа само поради страста што ја имаат.

„Не сум единствениот затоа што имаше многу пред мене во „Флака“, има многу кои го работат тоа паралелно со мене, но за жал прекинаа бидејќи тоа не донесува многу материјални добра. Повеќе е страст, забава и љубов кон енигматиката и мој напор да ја одржам енигматиката во живот затоа што во последно време имаме недостиг од читање, заедно со тоа и за енигматика, а јас се трудам тоа да не се случи“, додава Менсур Мамути.

За да се состави крстозбор од скандинавски тип, Мамути вели дека не се потребни повеќе од 30 минути, но има случаи кога се потребни и до 2 часа работа, време кое е потребно и за дизајнот.