Европскиот парламент утре ќе расправа и гласа за годишниот Извештај за Република Северна Македонија, кон кој групите на Зелените и Социјалистите доставија предлози за измени и дополнувања, кои се однесуваат на непримерно и провокативно однесување на бугарските власти.
Во амандманот, претставници на бугарската Влада се обвинети за провокативни изјави за историски прашања кои ја засегаат Северна Македонија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај тековната изборна кампања во Бугарија.
Предлогот го дадоа четворица европратеници од групата на Социјалистите и Зелените: Тонино Пицула од Хрватска, Тања Фајон од Словенија, Андреас Шидер од Австрија и Марек Белка од Полска.
Во амандманот стои дека се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на претставници на бугарската Влада за историски прашања што ја засегаат Северна Македонија, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство.
Воедно, со вториот амандман се поздравува зрелиот и избалансиран одговор на владините претставници на Северна Македонија на овие провокации.
Бугарските европратеници најавија дека ќе гласаат против амандманите предложени. Како што оценуваат, содржат квалификации неприфатливи за Бугарија.
