Епидемијата во Гостивар продолжува, сиптомите кај пациентите и понатаму исти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Симптомите кај пациентите во Гостивар и понатаму се исти: повраќање, болки во стомакот и дијареја.

АНКЕТА:

„Повраќање, ме боли стомакот, нормално. Не знаеме дали е од водата или е некој вирус. Ова трае веќе три-четири дена. Завчера дојдов, примив инфузија, а денес повторно. Навистина има многу, многу заболени, интересно е ова.“

„Па сега зедов една инфузија. Два дена инејкции зедов, повраќање ваму-таму, никако не помага. Лекови пијам, еве денеска морав да земам и инфузија. Јас не знам, и ние се чудиме, што е оваа работа. Има полно, има. И жената, и ова и она, ама тоа полесно поминува. Отиде и имунитетот, ми падна.“

Во текот на последните 24 часа, во Болницата во Гостивар се пријавиле околу 300 пациенти, додека од Центарот за јавно здравје велат дека ги преземаат сите мерки за да утврдат од каде потекнува овој вирус.

„Во последните 24 часа ситуацијата е релативно иста како и во претходните денови. Денес има околу 167 пациенти на Инфективното одделение, од кои 20 се на контрола. Во Ургентниот центар се пријавиле 18 пациенти, а на Одделението за педијатрија се пријавиле околу 104 деца, од кои само едно е хоспитализирано. Преземени се сите епидемиолошки мерки и од прогласувањето на епидемијата сите епидемиолози се на терен заедно со лекарите по хигиена. Покрај тоа, се вршат и дополнителни контроли, а земени се и примероци од вода, вклучително и од чешмите во домовите на пациентите кои се јавиле со симптоми. Епидемиолошките анкети играат многу важна улога во дијагностицирањето, бидејќи покажуваат што користеле пациентите во последниот период, дали има некаква поврзаност со Гостивар, а ние постојано ги поврзуваме тие информации.“, рече Шаќир Зилбеари.

Додека во Гостивар е прогласена епидемија, директорот на Болницата во Гостивар, Емри Бајрами, не сака да даде информации за здравствената состојба на пациентите кои се хоспитализирани во оваа болница.