Значително е намален бројот на пациенти по труењето со вода во Гостивар. Според директорот на болницата, во последните 24 часа се пријавиле околу 110 пациенти, а има и лица кои доаѓаат на контролни прегледи.
„Во последните 24 часа имаме драстично намалување на бројот на пациенти. На Педијатрија имаме 46 пациенти, а на Инфектoлогија 60. Ова се нови пациенти, додека на повторни контроли имаме 24 на Инфективното одделение и само 9 на Педијатрија. Тоа значи дека резултатите се многу задоволителни.“, вели Емер Бајрами.
И министерот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека трендот на епидемијата е во опаѓање. Од околу 290 пациенти вчера, денес бројката е намалена на околу 190, посочи тој. Увери дека надлежните институции внимателно ја следат здравствената состојба на пациентите.
„Ние продолжуваме со поддршка на сите епидемиолошки активности неопходни да се утврди хронологијата на настаните, за, како што говорам неколку пати, престанат ваквите инциденти во Гостивар, значи, ова не е прв случај, сакаме да биде последен ваков случај и да покажеме дека можеме да функционираме соодветно.“, рече Сашо Клековски.
Клековски побара да нема „профитери“ од епидемијата, апелирајќи до лекарите кои не се епидемиолози или специјалисти по инфективни болести да не даваат различни совети и мислења за ситуацијата. Според него, не постои вирус што не може да се открие, но најважно е да се почитуваат препораките и водата сè уште да не се консумира.
Инаку, првите пациенти со симптоми на труење во Гостивар се пријавија на 14 јули, а два до три дена подоцна нивниот број достигна и до 600 пациенти дневно. Тие имаа повраќање, дијареја и болки во стомакот.
