ЕСП на средба со претседателот на Собранието, му вршат притисок за членот во ДИК, реагира Алијанса за Албанците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанската опозиција продолжува да го бара празното место во ДИК. Денеска се сретнаа со новиот претседател на Собранието, Јован Митрески. Од него побараа да им помогне во изборот на членот на ДИК, но како што велат, од средбата не излегле оптимисти. Митрески им ветил дека ќе се сретне со пратеничките групи во Собранието, но прашањето сега засега останува без политички договор. Доколку не се изнајде решение, ќе продолжат да вршат притисок врз собранискиот спикер.

-Нашата денешна средба имаше за цел да го зголеми притисокот врз новиот собраниски спикер, да му дадеме можност во наредните денови да изнајде решение за оваа ситуација. Тој не ни вети дека ќе дојде до решение. Само ни рече дека ќе поразговара со пратеничките групи. Со оглед на историјата на овој процес кој трае со месеци, немаме некаков оптимизам, едноставно сакаме да му дадеме шанса да изнајде решение во рамки на пратеничките групи. Доколку не дојде до решение, ние секако ќе продолжиме да притискаме.“, рече Зендели.

Опозициската пратеничка група ја разгледува можноста да поднесе кривична пријава против претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска поради одолговлекување на постапката. Георгиевска пак, за ТВ21 изјави дека не може да свика седница за ДИК поради тоа што првин треба да се постигне договор меѓу политичките партии. Според неа, ниту еден кандидат нема обезбедено 80 гласа, па затоа, како што додава, нема смисла да се закажува седница само за процедурални дебати.

Неколку часа по средбата, со реакција се јави и Алијанса за Албанците. Координаторот на пратеничката група на партијата, Атнан Незири вели дека албанската опозиција од најавите за бојкот, сега почнала да го моли претседателот на Собранието. Според Незири, ова прашање не е во рацете на Митрески. Уверува дека празното место во ДИК не ѝ припаѓа на актуелната опозиција, туку на Алијанса за Албанците.

-Не, не ѝ припаѓа, затоа што Член 2 од Изборниот законик остава можност барометар да бидат последните парламентарни избори. Во тоа време, тоа место ѝ припадна на АА и тоа место и понатаму ѝ припаѓа на АА. Тие не беа опозиција и по логиката на ова движење за време на процесот на пратеничкиот мандат, ние сега и на ВМРО треба ѝ кажеме – членот не ви припаѓа затоа што сте дел од парламентарното мнозинство. Ова нема логика“, вели Незири.

Незири додава дека ќе ги поддржат и двајцата кандидати бидејќи ги исполнуваат условите. Но, ако никој не обезбеди 80 гласа, тогаш како што вели, нема никаков проблем ДИК да функционира и со шест члена.

-Поддржани се подеднакво и двајцата имаат право да се натпреваруваат и обврска на еден од нив е да обезбеди 80 гласа. Ако ги добие, едниот оди, ако не, тогаш никој од нив не оди, ДИК останува со шест члена и може да работи без никакви проблеми“, изјави Незири.

И претседателот на ДИК, Александар Даштевски, пред неколку дена изјави дека комисијата може да функционира без проблем и со шест члена. Тој се надева дека Одборот на ДИК ќе биде комплетиран, но, како што објаснува, доколку тоа не се случи, сепак нема да има правни пречки и изборите ќе бидат фер и демократски.