ЕУ ги замрзна исплатите за Србија поради забелешки за судството и демократијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската унија ја суспендираше финансиската поддршка за Србија во рамките на Планот за раст, поради сериозни забелешки за функционирањето и независноста на судскиот систем. Одлуката ја соопшти европската комесарка за проширување, Марта Кос.

Според Кос, исплатите ќе останат замрзнати сè додека Белград не ги адресира слабостите во правосудството. Таа посочи дека ЕУ во моментов ги стопира сите средства поради, како што рече, „тесно грло“ во судскиот систем, нагласувајќи дека без реформи нема да има финансиска поддршка.

Одлуката доаѓа во период на засилени дебати во Брисел за напредокот на Србија на европскиот пат. Претходно се појавија информации дека се разгледува и блокада на околу 1,5 милијарди евра, меѓу другото и поради односите на Белград со Русија.

Како клучна причина за суспензијата се наведуваат контроверзните законски измени донесени на почетокот на 2026 година, со кои, според критичарите, се зголемува влијанието на извршната власт врз судството. Дел од експертите предупредуваат дека ваквите мерки може да ја ослабат независноста на обвинителството и да ги закочат постапките за високa корупција и организиран криминал.

Кос нагласи дека европското финансирање е строго условено со владеењето на правото, стабилни демократски институции и независно судство, додавајќи дека Унијата не може да си дозволи проширување со земји што би ги нарушиле овие принципи.

Дополнителен фактор за одлуката се и забелешките за демократските процеси, вклучително и нерегуларностите и инцидентите за време на локалните избори, како и притисоците врз медиумите и граѓанското општество. Несогласувањето на Србија со санкциите на ЕУ кон Русија останува уште една точка на разидување со Брисел.

Суспензијата значи дека значителен дел од предвидените средства остануваат неизвесни. Српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, изјави дека земјата ќе продолжи со техничките подготовки за членство, но потенцира дека Србија нема да „моли“ за влез во ЕУ.

Економистите предупредуваат дека евентуалната загуба на средствата би можела да има сериозни последици врз инфраструктурните проекти и енергетската транзиција на земјата, кои во голема мера зависат од европските фондови.

Одлуката ќе остане во сила сè додека Венецијанска комисија не даде конечна оценка, а српските власти не покажат конкретен напредок во реформите. Овој потег од Брисел се толкува и како предупредување до другите земји кандидати дека реформите во правосудството мора да бидат суштински, а не декларативни.