ЕУ и САД не одговорија на повикот на Рускоска – „Прашањето треба да го решат надлежните“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Повикот на шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска за помош од странските амбасади, особено од Европската унија и САД во судирот со директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми, се чини не наиде на одзив од дипломатските центри. За писменото обраќање што таа го упати во кое тврди дека има притисоци од директорот на Финансиска полиција, од Канцеларијата на Европската унија во земјава во одговор за Радио Слободна Европа велат дека внимателни ги следат сите поврзани случувања, вклучително и јавните препукувања меѓу нив.

„Примената на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер „Основи“, кој прв ќе се отвори во пристапните преговори со ЕУ. Применливите закони ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат. Ова прашање треба да го решат надлежните органи“, велат од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Со слична содржина се огласија и од американската амбасада во земјава од каде велат – Ова е прашање кое треба да го решат надлежните органи.

„Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институции и внатре во нив. Се чини дека ова прашање е тековен процес и прашање кое треба да го решат надлежните органи“, велат од Амбасадата на САД.

Рускоска деновиве излезе со јавно обраќање во кое таа побара меѓународна помош и ги повика амбасадите особено на САД и на ЕУ да и помогнат во отворениот конфликт со Муареми тврдејќи дека има големи притисоци од него. Муареми пак, најави дека ќе поднесе кривична пријава против Рускоска и уште две обвинителки за злоупотреба на службена положба и фалсификување документи, кои пред нешто повеќе од две недели извршија претрес во Финансиската полиција со која раководи Муареми.