Мицкоски: Македонија мора да ја штити својата иднина, идентитетот и државните интереси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зачувувањето на македонскиот национален идентитет, почитувањето на историското наследство и заштитата на државните интереси беа во фокусот на пораката што премиерот Христијан Мицкоски ја упати по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека иднината на државата треба да се гради врз свеста за историските предизвици, но и преку одговорен пристап кон современите политички и геополитички околности.

Тој нагласи дека македонското име, јазик, култура и историско паметење се темелни вредности што треба да им се пренесат на идните генерации. Според него, земјата треба да развива пријателски односи и соработка со сите држави, но истовремено да бара почитување на сопствениот идентитет и достоинство.

„Верувам во европската иднина на нашата земја и во вредноста на Европа во која различните народи се почитуваат меѓусебно. Нашето место таму треба да го градиме со реформи, со знаење, со силни институции и со зачувано национално достоинство“, порача Мицкоски.

Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес, премиерот рече дека граѓаните се изморени од долгогодишното чекање за членство во Европската Унија, како и од условите и билатералните спорови со кои се соочува земјата.

Тој порача дека Македонија треба да продолжи да се залага за европската перспектива и покрај разочарувањата и скептицизмот, но тоа да го прави со внимателна дипломатија и долгорочна стратегија.

„Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И силните се победуваат со мудрост“, истакна премиерот.

Во однос на Бугарија, Мицкоски рече дека членството во Европската Унија е важно и поради можноста државата да учествува во процесите на одлучување и однатре да ги застапува своите позиции. Тој додаде дека нема да прифати отстапки што ги смета за спротивни на интересите на македонскиот народ.

„Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца“, рече Мицкоски.

Посебен акцент во говорот беше ставен на историското наследство и ликот на Гоце Делчев. Премиерот нагласи дека македонската историја и националниот идентитет не можат да зависат од туѓо одобрување.

„Нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ. Затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење. Гоце е Македонија!“, порача тој.

Мицкоски воедно предупреди на можноста од провокации и обиди за продлабочување на внатрешните поделби. Ги повика граѓаните да не подлегнуваат на, како што ги оцени, вештачки наметнати прашања и преувеличени етнички теми.

Според премиерот, стабилноста на државата бара одговорност од политичките актери, внимателност и избегнување потези што би можеле да предизвикаат нови тензии.

„На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме“, истакна Мицкоски.

На крајот од обраќањето, тој посочи дека државата ќе се соочува со тешкотии и сложени одлуки, но дека институциите мора транспарентно да ги објаснуваат своите постапки, да ги слушаат граѓаните и да ги коригираат грешките кога е потребно.

„Држава се води со отворени очи за стварноста и со чувство за животот на луѓето“, порача премиерот.