Тајван во состојба на тревога поради силниот тајфун Чампи, ветрови до 173 км/ч

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тајван се подготвува за ударот на силниот тајфун Чампи, кој се очекува да го погоди островот со ветрови до 173 километри на час, обилни врнежи и опасни бранови. Властите воведоа опсежни безбедносни мерки, а во најголемиот дел од територијата се прекинати работните и образовните активности.

Според метеоролошките прогнози, бурата има радиус од околу 320 километри и се очекува да влијае врз целиот остров. Централната метеоролошка администрација предупредува дека невремето ќе продолжи да го погодува Тајван до сабота навечер. Властите ги повикаа граѓаните да се држат подалеку од плажите, крајбрежјето и планинските предели поради силните ветрови, обилните врнежи и опасноста од свлечишта.

Најмалку едно лице загинало во Тајван откако било однесено од брановите, соопштија властите. Во меѓувреме, екипите за итни случаи евакуираат жители од североисточниот брег, во близина на брана која е изложена на ризик од свлечишта и можни оштетувања предизвикани од невремето.

Обилните врнежи веќе го зафатија островот. Во некои делови на Тајпеј за 24 часа се измерени повеќе од 200 милиметри дожд, што дополнително ја зголемува загриженоста за поплави и свлечишта. Најсилните ветрови се очекуваат во северниот дел на островот, каде што, според предупредувањата, налетите на ветерот би можеле да достигнат 12 степени според Бофоровата скала.

Поради приближувањето на тајфунот Чампи, во петокот се прекинати работните и образовните активности во речиси сите 22 окрузи и градови во Тајван. Исклучок е округот Кинмен, архипелаг западно од островот, каде што активностите ќе продолжат нормално.

Безбедносните мерки ги зафатија и финансиските пазари. Тајванската берза, една од најголемите во светот, денеска е затворена.

Тајфунот предизвика и прекини во воздушниот сообраќај во регионот. Повеќе од 160 летови на четири јапонски авиокомпании се откажани. Компанијата „Ол Нипон Ервејс“ (ANA) соопшти дека ги откажува сите летови што требало да полетаат од или да пристигнат на аеродромите Мијако и Ишигаки, во префектурата Окинава, во текот на целиот ден.

Проблеми се пријавени и на други јапонски аеродроми, меѓу кои Охотск Монбецу, Окинава Наха, Цушима, Мијазаки и Кагошима.

И „Џапан ерлајнс“ откажа летови кон аеродромот Сонгшан во Тајпеј и меѓународниот аеродром Таојуан во Тајван.