Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак имале телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, со цел итно ублажување на тензиите во северно Косово и евентуално одржување состанок меѓу Вучиќ и Курти во Брисел.
Во ЕУ забележуваат дека се подготвени да посредуваат во дијалогот меѓу двајцата лидери што би се одржал во Брисел, чија главна тема ќе биде решавање на моменталната ситуација во Косово.
ЕУ амбасадорите и на САД се целосно обединети во нивната порака дека е во интерес и на Белград и на Приштина да се смири ситуацијата на терен, и дека во спротивно двете страни се во загубa. Веќе трет ден двата национални патни правци на северот на Косово се блокирани како знак на револт од страна на локалните Срби поради реципроцитетот воведен за регистарските таблички за возилата кои влегуваат од Србија.
Премиерот на Косово, Албин Курти, ги повика Србите да ги отстранат барикадите и рече дека српскиот претседател Вучиќ е единствениот кој сака инциденти. Курти даде и предлог како да се надмине проблемот.
„Подготвен сум да ја отстранам оваа мерка принудно отстранување на српските регистарски таблички за возила што влегуваат во Косово во секое време, доколку Србија има волја да ја отстрани мерката принудно отстранување на косовските регистарски таблички за возилата што влегуваат во Србија. Не сме среќни. Ние не би сакале ниту Србија ниту Косово да ги имаат овие привремени таблички и би сакале да обезбедиме слободно движење за сите граѓани“, истакна Албин Курти.
„Единственото решение е повлекување, а тоа е барање на советот за национална безбедност, повлекување на сите трупи од северот на Косово и Метохија, враќање на ситуацијата како што беше порано, тогаш можеме да одиме во Брисел и да разговараме за се и ако можно, постигнување договор“, истакна Александар Вучиќ.
