„ЕУ има нов ентузијазам за проширувањето“ – Бока: Се надевам дека е навистина така

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Проширувањето на Унијата е процес што не е завршен, нагласи унгарскиот министер за европски прашања Јанеш Бока. Тој додаде дека се уште важи понудата на премиерот Виктор Орбан да асистира за надминување на билатералниот спор и дека евроинтеграцијата нема алтернатива.

„Слушам дека ова време повторно, Европската Унија, има нов ентузијазам за проширувањето на Европската Унија. Се надевам дека е навистина така и ако е така Западниот Балкан треба да биде еден од најважните добитници на овој ентузијазам за проширување и унгарската Влада и Унгарија работат за ваков крај.“, вели Јанеш Бока.

Бока и министерот Орхан Муртезани потпишаа Меморандум, преку кој Будимпешта ќе има увид во административните модели на Македонија, со цел да помогне во процесот на преговори.

„Со овој чекор, Северна Македонија и Унгарија уште еднаш покажуваат дека Европа не е само географија или бирократија, туку заедничка цел, заеднички вредности и заедничка увереност дека политиката на проширување е една од најважните стратешки цели на Европската Унија.“, вели Орхан Муртезани.

Бока ги коментираше и односите Будимпешта-Брисел, особено по блискоста со администрацијата на Доналд Трамп, потенцирајќи дека Унгарија се залага за промена на фундаментите на Унијата.

„Унгарската Влада никогаш не се повлече од силно претставување на своите ставови во европските институции и ние сме секогаш отворени да дискутираме и да имаме вакви политички дебати кои се потребни за да ја вратат Европската Унија во вистинската насока. Не мислам дека ова е проблем.“, вели Јанеш Бока.

За итно проширување на Унијата со Западен Балкан, најдоцна до 2030 година, деновиве зборуваше и австриската министерка за европски прашања Клаудија Плаколм, според која регионот не смее да се остави на други геополитички сили.