Сѐ уште е рано да се пресмета целата штета предизвикана од коронавирусот која влијаеше врз туризмот и угостителските објекти, бидејќи овој сектор сѐ уште се соочува со пандемијата, вели Хашим Хасани, сопственик на хотел на Попова Шапка. Досега, како што рече, штетата е доста голема. Објаснува дека во февруари неговиот хотел бил преполн со туристи, но потоа морале да го затворат поради ширењето на вирусот.
„Штетите се големи иако е тешко да се пресметаат сите штети бидејќи сѐ уште сме во пандемија. Штетите продолжуваат. Значи не можеме да дадеме конечна цифра. Штетата кај нас со оглед на тоа дека нѐ најде во сезона, кон средината на февруари хотелот беше преполн, веднаш го затворивме. Само пола од месец февруари и март, според откажаните резервации имаме загуба 40 илјади евра“, истакна Хашим Хасани.
Државниот секретар за туризам, Шовкет Хазири, рече дека поради пандемијата нема да има добивки, но сепак, како што увери, ќе ја спасат туристичката сезона.
„Ние ќе ја спасиме туристичката сезона, но нема да има добивки. Еден од главните столбови во Европа, регионот и пошироко е да се заштитат работните места, да се спасат приходите и поддршка на дејноста на малите и средните компании“, посочи Шовкет Хазири.
За финансискиот пакет за помош на хотелите за април, мај и јуни, аплицирале 256 хотели во земјата, извести директорот на Агенцијата за промоција на туризмот, Љупчо Јаневски.
Соговорниците во синоќешното издание на „ЕУ Клик“, беа едногласни дека пандемијата го погоди најчувствителниот сектор на секоја земја во светот – туризмот.
