ЕУ обезбеди воена опрема во вредност од 40 милиони евра за Армијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во касарната „Илинден“ во Скопје беше промовирана нова опрема за Армијата, обезбедена со средства од Европската Унија. Опремата е набавена во рамки на соработката со ЕУ, односно преку Европскиот мировен фонд, и е распределена во три пакети. Опремата од првиот пакет и дел од вториот веќе пристигнаа во земјава. Станува збор за различни видови опрема, меѓу кои радари, термални камери, транспортни возила, симулатори, 3Д-радар и преносни сензори. Во рамки на третиот пакет ќе пристигне логистичка опрема, како и опрема за единиците за врски и пешадиските единици.

На промоцијата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас.

„Безбедноста е суштински дел од европското партнерство меѓу Европската Унија и Северна Македонија, особено имајќи предвид дека во 2024 година го потпишавме Партнерството за безбедност и одбрана. Денес навистина сме задоволни што можеме да видиме конкретни резултати од тоа партнерство. Убеден сум дека ќе продолжиме тесно да соработуваме за справување со сите безбедносни предизвици со кои се соочува Европа.“, рече Рокас.

„Ова е првиот пакет на опрема што пристигна, зборуваме за пакет од околу 40 милиони евра и плус дополнителни два милиони евра за балканските медицински цели. Работиме секој еден ден за што повеќе опрема да добиеме, сакам да истакнам дека станува збор за целосен грант, директни средства од ЕУ. Поради нашата заедничка европска безбедносна политика, поради нашиот однос заради она што помагаме во мисиите, зошто имаме постојана комуникација, сето ова е еден плод на соработката и се надевам дека ќе има уште многу вакви настани каде што ќе видите и допoлнителна опрема, како и оваа опрема позади мене е една од најквалитетните“, изјави Мисајловски.