ЕУ плаќа милијарди повеќе за енергија поради војната во Иран

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зголемените цени на енергенсите поради војната во Иран ја чинат Европа скапо, при што Европската Унија досега потрошила дополнителни 24 милијарди евра за увоз на енергија – без да добие дополнителни количини.

Според податоците, земјите-членки плаќаат повеќе од 587 милиони долари дневно за истата количина енергија, што претставува сериозен товар за економијата. Во обид да ги ублажи последиците, Европската комисија веќе претстави пакет итни мерки.

Во соопштението се нагласува дека ова е втор сериозен енергетски удар за Европа во краток период, по кризата предизвикана од руската инвазија врз Украина во 2022 година. Дел од индустриите веќе се соочуваат со сериозни тешкотии.

Меѓу предложените решенија е формирање паневропско тело кое ќе ги следи евентуалните недостатоци на гориво, особено за авионскиот сообраќај и дизелот, како и координација меѓу земјите за споделување резерви.

Предупредувања за можен недостиг на авионско гориво веќе упатија Меѓународната агенција за енергија и ACI Europe, кои посочуваат дека Европа увезува околу 70 проценти од овие резерви.

Генералниот директор на ACI Europe, Оливие Јанковец, предлага и привремено укинување на даноците за воздухопловство со цел да се ублажи ударот врз цените, додека Европската комисија најавува и мерки како ваучери за енергија, поддршка на приходите и намалување на даноците за струја.

Кризата веќе се одразува и врз транспортниот сектор. Германската авиокомпанија Луфтханза најави кратење на 20.000 летови до октомври, со цел да заштеди на гориво, чија цена значително порасна од почетокот на конфликтот.

Од Брисел предупредуваат дека дури и во случај на брз прекин на непријателствата, нарушувањата во снабдувањето со енергија од регионот на Заливот ќе продолжат и во наредниот период, додека ефектите врз домаќинствата и бизнисите – од повисоки цени до намален број летови – веќе се чувствуваат низ Европа.