ЕУ покрена две тужби против Велика Британија поради кршење на протоколот од договорот за Брегзит што се однесува на Ирска.
– ЕУ и Велика Британија заедно го договорија протоколот. Затоа сме исто така должни да го спроведуваме заедно, рече потпретседателот на ЕУ, Марош Шефчович во изјава.
Овој чекор претставува нова бариера за трговските врски по Брегзит само два месеци откако ЕУ и Велика Британија едвај постигнаа трговски договор и 15 месеци по излезот на Велика Британија од Унијата.
Борис Џонсон презеде еднострана акција за олеснување на бирократијата во врска со протоколот за Северна Ирска во обид да ги минимизира нарушувањата во трговијата меѓу континентот и Белфаст. Владата на Велика Британија еднострано го продолжи грејс-периодот за голем број производи испорачани во Северна Ирска од другите делови на Велика Британија, како што е предвидено во Протоколот за Северна Ирска како дел од договорот за излез од ЕУ.
Британската Влада беше принудена да ги смени условите на договорот под притисок на претприемачи, кои предупредуваа на можен прекин во снабдувањето со стока во услови на потребата од пополнување царински декларации и дополнителни проверки кои се закануваат да ги испразнат полиците во продавниците во иднина. Според трговскиот договор меѓу ЕУ и Велика Британија од декември, Северна Ирска, која ја напушти ЕУ како дел од Велика Британија, остана дел од царинската територија на ЕУ. Овој двоен статус избегнува појава на граница помеѓу Алстер и ЕУ-Ирска, но бара воведување контролни процедури за движење на одредени стоки во Северна Ирска од другите делови на Велика Британија.
Во ЕУ остро беше критикувана одлуката донесена од британските власти. Потпретседателот на Европската комисија Марош Шефчович веднаш го обвини Лондон за кршење на условите на договорот за Брегзит.
Протоколот за Северна Ирска овозможува непречено движење на луѓето на островот Ирска со воведување низа царински проверки меѓу Северна Ирска и остатокот од Велика Британија. Откако Лондон и Брисел постигнаа договор за односите по Брегзит, ова е прашање околу кое постојано има несогласувања.
