ЕУ веднаш да ги започне преговорите со Македонија – силни пораки и поддршка од Австрија, Чешка и Словенија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не треба да се губи време со билатерални спорови и време е Унијата да го исполни даденото ветување кон Македонија и да се одржи првата Меѓувладина конференција. Ова е заедничката порака на министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словенија по средбата со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, на која воедно беше дадена и поддршка за португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија.

„Нашата цел и целта на следното претседателство е да ве задржиме јасно на патот кон Европската унија. Се разбира, европското обединување не е целосно додека сите земји од Западниот Балкан не станат членка на Европската унија“, истакна Александер Шаленберг.

Целта на нашата посета е дека силно го цениме напредокот на Македонија, рече Анже Логар министер за надворешни работи на Република Словенија, држава која е следниот претседавач со Европската унија.

„Словенија секогаш вложува многу напори во остварувањето дијалог и знаеме дека со добар дијалог можеме да ги постигнеме резултатите што сакаме да ги постигнеме и сакаме да ве поттикнеме да продолжите по тој пат“, посочи Анџе Логар.

Чешкиот министер Јакуб Кулханек рече дека со нивната посета праќаат јасна порака дека се цени напредокот на Македонија која го направи во процесот на пристапување кон ЕУ.

„Почетокот, всушност на вистинските преговори за членство на Северна Македонија одамна доцни и Чешка, Австрија и Словенија, како и други истомисленици меѓу земјите членки на ЕУ силно ја поддржуваат иницијативата на португалското претседателство со Унијата да се организира првата меѓувладина конференција во јуни. Не смее да има нови одложувања“, порача Јакуб Кулханек.

Министерот Османи рече дека поддршката од трите земји е значаен за земјава

„Покрај принципиелната поддршка во чија основа се и нашите резултати имаат и силно изразен интерес за напредок на целиот регион“, вели Бујар Османи.

Министрите на Австрија, Чешка и Словенија имаа средба и со премиерот Зоран Заев, кој во разговорите со нив истакна дека Македонија која чека пред вратите на ЕУ 16 години, покажува високо почитување на сите европски вредности. Ние сме силно посветени за изнаоѓање решение со Бугарија, но за идентитетските прашања нема да разговараме, бидејќи тоа се европски вредности и за кои наидовме  на разбирање од Брисел, истакна Заев.